КУЧИЊАТА ЛАЈАТ: ДРЖТЕ ГО КРАДЕЦОТ! А КАРАВАНИТЕ СИ ВРВАТ…

Кога нешто ќе украдете, народот вели, единствен спас од ризик да ве фатат е: Стојте в место и викајте држте го крадецот… Затоа, кога ќе сретнете коментари со наслов “Тодор Петров соработник на тајните служби”, “Тодор Петров предавник”, “Тодор Петров чадор на квислинзите”, “Тодор Петров агент на ЦИА и МИ6”, “Тодор Петров шпион на КГБ”, запрашајте се за кои служби одработуваат авторите на овие монструозни клевети?! Да беше Тодор Петров соработник на тајни служби, тајните служби ќе ги ликвидираа прво овие што ги одаваат “овие тајни“… Ама, ај да има вистина, па човек и да поверува, меѓутоа народот препознава потрошени осудени измамници и поранешени апологети на пропаднати режими, кои со речник на импровизирани конспирации од полициски белешки не се одлепија од дното на примитивизмот и клиентелизмот. Едноставно, народот ги препознава патриотите, народот препознава соработници на службите.

И бидејќи им се изместија математиките на сите заедно, и на едните и на другите и на третите со се’ Калето, куса елаборација за референдумот во постапка… Загрижените не треба да заборават, дека Собранието со амандманите од 11 јануари 2019 година веќе “го смени“ името на државата и идентитетот на нацијата!

Иницијативата за референдум, ако нема проблеми и ако се соберат 150.000 потписи за три месеци од средината на февруари до средината на мај, би се одржал некаде во август-септември!

Јавноста ќе биде дополнително информирана за времето, начинот и местото на собирањето на потписите… Не предлага Тодор Петров референдум за промена на името на државата, туку за анулирање на одлуката на Собранието за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. За таа цел, во моментов, само дополнителен задолжителен референдум по предлог на најмалку 150.000 избирачи е единствен правен инструмент според Уставот. Нападите против Тодор Петров со замена на тези се од дежурни загари кои ја дефокусираат јавноста од велепредавството на Владата!

Дополнителниот задолжителен референдум не го распишува Тодор Петров, туку Собранието по своја иницијатива или по предлог на најмалку 150.000 избирачи. За жал, тие што не ја почитуваат волјата на народот велат, задолжителниот референдум од 8 септември 1991 година за прашањето “Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија“ не бил референдум за името на државата, туку за независност на Македонија од поранешна СФР Југославија, иако името на државата во референдумското прашање е прецизно и недвосмислено – држава Македонија, без додавки и без придавки, одлуката е задолжителна за сите, без исклучок!

Тие што не ја почитуваат волјата на народот повторно велат, консултативниот референдум од 30 септември 2018 година за прашањето “Дали сте за членство на Македонија во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ не беше референдум за името, туку за членство на Македонија во Европската Унија и НАТО Алијансата. Е, па еве им дополнителен задолжителен референдум за името, со прецизно и недвосмислено прашање, самите нека ја проверат одлуката на Собранието за промена на името на државата!

Цензусот од излезеност на две третини или 1.204.225 избирачи од вкупниот број запишани избирачи 1.806.336, за да си ја провери одлуката, треба да го обезбеди Владата! Предлогот за покренување на граѓанска иницијатива за распишување на дополнителен задолжителен референдум поднесена на 24 декември 2018 година, од собраниската комисија за политички систем и законодавно-правната комисија на седниците одржани на 28 декември 2018 година беше оценет за неуреден, затоа што потписите од 130 предлагачи не биле дадени пред овластен државен орган за водење на избирачкиот список. Овластениот предлагач беше упатен до Државната изборна комисија (ДИК), по чија согласност, беше овозможено собирање на потписи и на 8 јануари 2019 година во подрачните одделенија пред овластени државни службеници, се собраа 179 потписи, 79 повеќе од потребните 100.

Предлогот до Собранието беше поднесен на 9 јануари 2019 година, а комисијата за политички систем и законодавно-правната комисија на седниците одржани на 14 јануари 2019 година потврдија дека предлогот е уреден. Колку за информација на неупатените, собраниските комисии не гласаат дали се прифаќа предлогот за покренување на граѓанска иницијатива или не, туку имаат законска обврска само да констатираат дали предлогот за покренување на граѓанска иницијатива за распишување на дополнителен задолжителен референдум со собирање на најмалку 150.000 потписи е уреден или не, и да го препрат до ДИК за реализација!

Прашањето за името не се остава за некое идно време, за некои нови генерации… Владата за пет години ќе смени се’ како и да не сме постоеле. За пет години Македонија може да ја доживее судбината на преполовена нација оиселена во Западна Европа како и Бугарија, Хрватска, Албанија…

За крај, едно дополнување за сите што прашуваат што Тодор Петров сторил за Македонија. Кариерата на Тодор Петров одамна е изградена и вградена во темелите на оваа држава со дела, а не со празни зборови…

  • Тодор Петров го предложи 16-зрачното златно-жолто сонце на црвена основа за знаме на државата Македонија.
  • Тодор Петров е коавтор на референдумското прашање од 8 септември 1991 година за “ДРЖАВА Македонија” и “суверениТЕ држави”, ако и една република ја напушти Југославија, Македонија да не остане во редуцирана или асиметрична федерација.
  • Тодор Петров во Законот за државните празници предложи 2 август да биде – Ден на државноста, а 8 септември – Ден на независноста.
  • Тодор Петров го предложи името Македонската радио телевизија.
  • Тодор Петров предложи одлука за отстранување на сликите на Тито од Собранието.
  • Тодор Петров предложи Закон за враќање на името на општина Велес наместо Титов Велес.
  • Тодор Петров предложи името на државниот универзитет во Скопје да се дополни со “Свети” пред имињата “Кирил и Методиј”.
  • Тодор Петров со блокадите на граничниот премин Блаце во август 2001 година, од американската амбасада изнуди ослободување на 17 киднапирани Македонци од ОНА.
  • Тодор Петров го предложи Законот за Црвениот крст на Македонија.
  • Тодор Петров ја сервисираше изградбата на третиот по висина Крст во светот во општината Аеродром.
  • Тодор Петров го предложи Законот за прогласување на парк шумата Гази Баба за заштитено подрачје.
  • Тодор Петров го предложи решението во Законот за градот Скопје за тромеѓата меѓу општините Бутел, Чаир и Гази Баба…

Тодор Петров во 1990 година е еден од реосновачите на најстарата македонска меѓународна организација Светскиот Македонски Конгрес формиран во 1899 година во Женева, Швајцарија, со цел семакедонско помирување и обединување. Светскиот Македонски Конгрес беше првиот издавач на единствениот светски македонски неделник “Македонско сонце” чиј спонзор беше Ѓорѓија Џорџ Атанасовски од Флорида. Светскиот Македонски Конгрес како неформален светски парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет, асистираше во безброј македонски акции и иницијативи на сите меридијани на земјината топка…

И уште нешто… Тодор Петров и Светскиот Македонски Конгрес беа иницијатори на референдумот за општините одржан на 7 ноември 2004 година. Благодарение на тој референдум, миниран од Никола Груевски по налог од Калето за мандат за Влада, на 4 ноември 2004 година САД ја признаа нашата држава под името Македонија! Образложението на Џорџ Буш и на Кондолиза Рајз на прашањето зошто тоа САД го сторија, беше “Ја признавме државата под нејзиното име Македонија за да ги спречиме националистите во реализацијата на референдумот за територијалната организација на локалната самоуправа”.

Референдумот што сега се предлага за името во 2019 година, нема врска со референдумот за општините во 2004 година. Собирањето на потписите за распишување на референдумот на 7 ноември 2004 година за прашањето “Дали сте за територијалната организација на општините од 1996 година?“ почна на 23 февруари, траеше шест месеци и заврши на 23 август 2004 година. За жал, Собранието го донесе новиот Закон за општините на седницата одржана на 11 август 2004 година. Референдумот во 2004 година не беше дополнителен, го бојкотираше Владата со слоганот “Некои прашања не заслужуваат одговор“!

Референдумот за името кој се иницира годинава, а треба да се одржи август-септември е дополнителен, бидејќи одлуката за промена на името на државата веќе е донесена на 11 јануари 2019 година.

Како заклучок: Најлошо прават тие што ништо не прават, а чекаат друг да им ги одбрани името, идентитетот и слободата… само зборуваат, клеветат и навредуваат, а ништо не превземаат… Таканаречените, пак, “новинари” платеници и во времето на комунизмот и сега, не ги заборавиле старите манири – дискредитација заради елиминација. Заборавија дека тој рецепт одамна е прочитан, во услови на нови технологии е надминат, медиокритетите не можат повеќе да држат монопол врз јавноста и вистината.

Секако, хипокризија за нацијата е спас од предавниците, врховисти и колаборационисти, да очекува од непријателите. Но, и покрај се’ и после се’, ќе победиме!

Од векови за навек, ова била, е и ќе остане држава Македонија, само држава Македонија и ништо друго освен држава Македонија!

Како и секогаш, кучињата си лајат, караваните си врват, тие друго и не знаат… и по други каравани истото ќе го прават, само ќе лајат, се’ додека не пцовисаат…



The World Macedonian Congress welcomes independent writers and Journalists. If you have a story which you would like us to publish, please get in touch with our Editor by clicking on the button below.

By | 2019-01-19T15:24:43+00:00 January 19th, 2019|Latest News, News by Todor Petrov|Comments Off on КУЧИЊАТА ЛАЈАТ: ДРЖТЕ ГО КРАДЕЦОТ! А КАРАВАНИТЕ СИ ВРВАТ…