ИНИЦИЈАТИВА ОД 150.000 ПОТПИСИ ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛЕН РЕФЕРЕНДУМ ЗА ПРАШАЊЕТО “ДАЛИ СТЕ ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО НА ДРЖАВАТА МАКЕДОНИЈА ВО ДРЖАВА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА?“

Движењето #Бојкотирам денес одржа прес конференција, на која претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров ја прокламира иницијативата за задолжителен референдум за името на државата. Обраќањето го пренесуваме во целост.

Почитувани Македонци, по род и државјанство, Македонија е на историски крстопат. Лаконски: да се биде или да не се биде. Се разбира, што и да биде, борбата продолжува. Македонските работи немаат крај, бидејќи Македонија е вечна тема!

Имајќи предвид дека само Собранието распишува задолжителен референдум за целата територија на Република Македонија по сопствена иницијатива и по предлог на најмалку 150.000 граѓани, а граѓанската иницијатива на државно ниво се покренува по предлог на 100 граѓани, движењето #Бојкотирам со првопотпишаниот Тодор Петров како овластен предлагач на 130 граѓани, вчера на 24 декември 2018 година, до претседателот на Собранието поднесе предлог за покренување на граѓанска иницијатива за распишување референдум на државно ниво.

Референдумското прашање гласи: “Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?“ на кое што избирачите треба да одговорат дали се “ЗА“ или “ПРОТИВ“! Прашањето е прецизно формулирано и недвосмислено.

Бараме Собранието да ја прекине постапката за измени на Уставот, до објавување на конечните резултати од референдумот, кој треба да се одржи наредната 2019 година.


ЗОШТО ИНИЦИЈАТИВА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛЕН РЕФЕРЕНДУМ ЗА ИМЕТО НА ДРЖАВАТА МАКЕДОНИЈА?

На референдумот одржан на 8 септември 1991 година, две третини (1.079.308 или 72,16%) од вкупниот број запишани избирачи (1.495.807) гласаа “За суверена и самостојна држава Македонија“ без додавки и без придавки. Одлуката на референдумот е задолжителна за сите, без исклучок! За жал, Владата оваа одлука не ја почитува. Велат тој референдум беше за независност.

Да, референдумот на 8 септември 1991 година беше референдум за независност од поранешна СФР Југославија, ама името на државата во референдумското прашање беше прецизно и недвосмислено – држава Македонија, без додавки и без придавки! Затоа што името на нашата држава не е композитно или сложено, ние немаме име за внатрешна и за меѓународна употреба, името на нашата држава се состои само од еден единствен збор, од векови за навек – зборот Македонија!

На референдумот одржан на 30 септември 2018 година и Државната изборна комисија соопшти дека не се усвои одлуката за членство на Македонија во Европската Унија и НАТО и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година за промена на името на државата и идентитетот на нацијата, бидејќи не гласаа или бојкотираа речиси две третини (1.139.992 или 63,11%) од вкупниот број запишани избирачи (1.806.336). За жал, марионетската Влада на Зоран Заев и оваа одлука на референдумот не ја испочитува, во намерата да се смени името на државата и идентитетот на нацијата, тоа за што се платени и поставени. Рекоа, овој референдум не бил за членство на Македонија во Европската Унија и НАТО, туку за Договорот со Грција со кој, спротивно на домашното и меѓународното право, прифатиле промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Со Спогодбата Димитров-Коѕиас, Македонија од национална држава на Македонскиот народ, станува територија под протекторат на Атина без народ и историја. Како оправдување рекоа, референдумот бил консултатитивен, а не задолжителен и повторно го изманипулираа народот.

И покрај референдумот од 8 септември 1991 година и покрај референдумот од 30 септември 2018 година, Владата и Собранието пристапија кон измена на Уставот заради примена на Спогодбата Димитров-Коѕиас, иако таа не е дел од внатрешниот правен поредок на државата, бидејќи не е ратификувана во согласност со Уставот:

(1) Спогодбата не е склучена од Претседателот на Републиката, туку од министерот за надворешни работи кој нема активна легитимација и надлежност;

(2) Претседателот на Републиката не го потпиша указот за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата, ниту при првото гласање на 20 јуни 2018 година ниту при повторното гласање на 5 јули 2018 година во Собранието;

(3) Законот за ратификација на Спогодбата не е објавен во “Службен весник на Република Македнија“ и не е во сила;

(4) Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција. Според член 308 од Кривичниот законик, “Граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“; и

(5) Спогодбата е ништовна, бидејќи е во спротивност и со Виенската конвенција за договорно право од 23 март 1969 година. Името на држава, народ и јазик не се менува со меѓународен договор, со ништо не може да биде суспендирано, тоа е суверено право на внатрешната јурисдикција на државите и право на самоопределување и самоидентификација на народите! Спогодбата е склучена со кршење на принципите на меѓународното право и е во судир со императивната норма jus cogens на општото меѓународно право!

Поради сето ова, Спогодбата Димитров-Коѕиас и според домашното и според меѓународното право е ништовна и не произведува правно дејство, дури и да биде објавена во “Службен весник на Република Македонија“!

Светскиот Македонски Конгрес поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на Одлуката за распишување на консултативен референдум на 30 септември 2018 година. За жал, Уставниот суд на 19 септември 2018 година се прогласи за ненадлежен и не поведе постапка по иницијативата.

Светскиот Македонски Конгрес поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување и на Одлуката за пристапување кон измена на Уставот заради спроведување на Спогодбата Димитров-Коѕиас. За жал, Уставниот суд на 12 декември 2018 година повторно се прогласи за ненадлежен и ја отфрли иницијативата.

Исто, како што Уставиот суд се уште молчи по иницијативата на Светскиот Македонски Конгрес од 9 мај 2017 година за поништување на Одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, како што до денес молчи по иницијативата на Светскиот Македонски Конгрес од 21 октомври 2015 година за поништување на Законот за специјалното јавно обвинителство.

Јавното обвинителство, пак, е приказна за себе. Светскиот Македонски Конгрес досега поднесе повеќе кривични пријави: На 12 септември 2018 година против Зоран Заев и Никола Димитров за кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и велепредавство поради примена на Спогодбата Димитров-Коѕиас; На 14 септември 2018 година против Зоран Заев за поткуп пред референдумот на 30 септември 2018 година; На 26 октомври 2018 година заедно со Меѓународното македонско движење за човекови права од Канада против 80 пратеници, премиерот и министрите за кривично дело велепредавство и злосторничко здружение поради усвојувањето на Одлуката за пристапување кон измена на Уставот заради примена на Спогодбата Димитров-Коѕиас за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. За жал, Основното јавно обвинителство се’ уште не постапило по овие кривични пријави.

Поради сето ова, единствен правен инструмент дозволен со Уставот, за суспензија на Спогодбата Димитров-Коѕиас и измените на Уставот заради промена на името на државата и идентитетот на нацијата е распишување на задолжителен референдум, кој поради парламентарното мнозинство не е возможно со одлука на Собранието, туку по иницијатива на 150.000 граѓани. Предлогот за собирање 150.000 потписи вчера е доставен во Собранието на Република Македонија, а претседателот на Собранието е должен да го процесуира, бидејќи референдумското прашање е дозволено и во согласност со Уставот и Законот!


И ИНИЦИЈАТИВА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛЕН РЕФЕРЕНДУМ И ПРОТЕСТИ ВО ТАТКОВИНАТА И СВЕТОТ!

Се разбира, оваа иницијатива не ги елиминира мирните собири заради изразување на јавен протест, во татковината и во светот. Независно од иницијаторите и неформалните групи за анимирање на јавното мислење, независно од нивното единство или неединство поради било кои причини, не станува збор за незаинтересираност на народот за одбрана на името и идентитетот, како што тој отпор е очигледен во Франција. Станува збор за рационално однесување на народот, после предавството врз движењето “За заедничка Македонија“ што се случи на 27 април 2017 година. Инспираторите, предводени од Калето, на еден благороден отпор, против рекомпонирање на парламентарното мнозинство, на околу 300.000 Македонци од 27 февруари до 27 април 2017 година им прилепија етикета “тероризам“, а предводниците под обвинение државен удар и злосторничко здружение, со замена на тези, ги ставија во Идризово. Намерата беше, кога ќе биде потребно, никој да не се појави на улица поради страв од ново предавство и ново Идризово. Иронијата да биде уште поголема, тие што ги отворија портите на Собранието за да влезе народот, да го спасат Уставот, затоа што гласаа за промена на името на државата и измена на Уставот, денес се амнестирани од соучество со еден селективен и дефектен Закон за помилување. И покрај се’ и покрај временските услови и покрај владините притисоци, одржавме импознатни и грандиозни протести на 27 февруари, 8 септември, 30 септември и 18 ноември оваа 2018 година.

Пораката од Движењето #Бојкотирам и од сенародниот отпор е: Кога и да е, бидејќи делата не застаруваат, сите пратеници, премиерот и министрите кои учествуваат во ова велепредавство, геноцид и злосторство врз човештвото ќе завршат доживотно во Идризово, со конфискација на личниот имот и имотот на семејството дома и во светот! Не постои дупка на земјината топка каде што ќе можат да се скријат од судот на правдата, народот и историјата, не постои време во кое нивните недела ќе се заборават!


ПРОЦЕДУРА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛЕН РЕФЕРЕНДУМ

Почитувани, во врска со предлогот за иницијатива за собирање на 150.000 потписи за распишување задолжителен референдум, претседателот на Собранието во рок од три дена, заклучно со 27 декември, треба да ја утврди уредноста на иницијативата и за тоа да го извести овластениот предлагач, а преку претседателот на Владата да го извести органот на државната управа надлежен за евиденција на избирачкото право. Рокот на постапката за собирање на 150.000 потписи започнува да тече по 20 дена од денот на доставувањето на известувањето од претседателот на Владата до органот надлежен за евиденција на избирачкото право. 150.000 потписи треба да се соберат во рок од три месеци од денот на добивањето на известувањето за уредноста на иницијативата. За точниот датум кога ќе почне собирањето на најмалку 150.000 потписи, јавноста ќе биде дополнително информирана.

Откога ќе се соберат 150.000 потписи, предлогот за распишување на задолжителен референдум на државно ниво со потписите и образложение се поднесува до претседателот на Собранието. Собранието е должно во рок од 30 дена од поднесувањето на предлогот да донесе одлука за распишување на задолжителниот референдум. На задолжителниот референдум избирачите треба да се изјаснат – дали се “за“ или “против“ промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија.

Имајќи предвид, дека промената на името на државата е најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз Македонскиот народ и злосторство против човештвото кое не застарува, а Владата и Собранието со распишувањето на референдум на 30 септември 2018 година ја суспендираа слободно изразената волја на речиси две третини од вкупниот број запишани избирачи, и пристапија кон измена на Уставот со цел промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија, со образложение дека референдумот не бил задолжителен туку консултативен, го користиме нашето уставно загарантирано право да иницираме задолжителен референдум, чијшто резултат Собранието мора да го почитува!

Имено, во согласност со членот 30 од Законот за референдум, Собранието е должно во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да го уреди прашањето за името во согласност со резултатите од референдумот!

За членството во ЕУ и НАТО ќе се решава на други референдуми, после 30 септември 2020 година, бидејќи во согласност со членот 19 од Законот за референдум: “Референдум за исто прашање не може да се повтори пред истекот на рокот од две години од денот на одржаниот референдум“ на 30 септември 2018 година.


АПЕЛ ЗА СОБИРАЊЕ НА 150.000 ПОТПИСИ ЗА РАСПИШУВАЊЕ НА ЗАДОЛЖИТЕЛЕН РЕФЕРЕНДУМ

Упатуваме јавен повик до сите избирачи, до сите партии и здруженија, да ја поддржат оваа иницијатива и штом го огласиме денот на почетокот на собирањето на потписите пред подрачните одделенија на органот надлежен за евиденција на избирачкото право во општините, избирачите најбрзо и масовно да се вклучат во потпишувањето на предлогот на посебните обрасци што ќе ги подготви овластениот предлагач.

Движењето #Бојкотира апелира, искористете ја единствената правна можност во согласност со членот 73 став 3 од Уставот, за крај на агонијата со промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

И никогаш не заборавајте, дека и покрај сите разлики меѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во татковината и во светот, само Македонија е нашиот единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот единствен заеднички содржател! Со Македонија постоиме, без Македонија сите заедно ќе исчезнеме! Не заборавајте дека сме признати од 140 држави во светот под државното име Македонија! Не заборавајте дека “поранешна Југословенска Република Македонија“ е само времено обраќање во Обединетите Нации додека траеја разговорите за разликата за името, а Северна Македонија е ново трајно име на територија без народ и историја под протекторат на Атина! Не заборавајте дека името на нашата држава, народ и јазик не зависи од волјата на Атина и Софија! Не заборавајте дека во мултиполарниот свет, во кој европскиот центризам и американскиот унилатерализам се трајно минато свршено време, треба да градиме политики на активен мултилатерализам – од пријатели никогаш доста, но врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност: заемно почитување и разбирање, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави, и реципроцитет во меѓусебните односи!

Македонија нема вечни пријатели, Макадонија нема вечни непријатели, Македонија има вечни интереси!

 


ПОВИК ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА!

И во оваа прилика го повикуваме претседателот на Републиката да ги амнестира сите во настаните од 27 април 2017 година и сите пратеници под истрага и со обвинителен акт поради владините притисоци за глас за промена на Уставот. Го повикуваме претседателот на Републиката да достави нота за меѓусебно признавaње со 19 држави со кои немаме никакви дипломатски односи, и итно и безусловно да ги извести Генералниот секретар и членките на Обединетите Нации за ништовност на Спогодбата Димитров-Коѕиас со предлог-Резолуција до Генералното Собрание за продолжување на членството во Обединетите Нации под државното име Македонија! Никој не е достоен за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!


АПЕЛ ДО ПРИПАДНИЦИТЕ НА НАЦИОНАЛНИТЕ МАЛЦИНСТВА!

За крај, еден апел до припадниците на националните малцинства во Македонија: Почитувани сограѓани, името на државата и идентитетот на нацијата не е малцинско прашање! Кога Македонците би побарале референдум за промена на името на Албанците во Шкиптари како што самите се именуваат, кога Македонците би побарале промена на името на Ромите во Цигани, најверојатно ќе бидат осудени за расисти, нацисти, ксенофоби, за фашисти… Напротив, Македонците се основоположници на културниот глобализам, за Македонците светот е поле за културен натпревар меѓу народите во толеранција и коегзистенција, ја почитуваат културната автономија на етничките и верските малцинства во Македонија, според можностите се создаваат услови за интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури! Апелираме до сите нив: Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, Еѓиптјаните, Хрватите, Црногорците и другите, да се откажат од злоупотребите да учествуваат во денационализацијата на Македонскиот народ, на Македонците во светот во целина!

Нека Господ Бог ги благослови Македонија и Македонците, по род и државјанство, каде и да се. Амин!


КОНСПИРАЦИИ ЗАД ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛЕН РЕФЕРЕНДУМ?!

На крај од прес-конференцијата, беше поставено новинарско прашање: Господине Петров, кружат шпекулации, дека зад реализацијата на оваа иницијатива за референдум за името на државата, постои веќе претходен договор меѓу СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ со цел ништовност на Договорот Димитров-Коѕиас, а вие сте одбрани само за формално спроведување на референдумот?

Одговор: Ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро испланирано. Впрочем, еден бугарски европратеник рече Зоран Заев многу лаже: со Бугарите е Бугарин, со Грците е Грк, со Србите е Србин, а всушност сее магла. Не е никаква тајна, дека Македонија е предворје на Калето, и дека кај нас се’ функционира под слоганот “Сите луѓе на Бејли.“

Сакате да кажете, дека моето претходно прашање е вистина, во конспирација со американскиот амбасадор во Македонија?

Одговор: Кажав тоа што одговорив. Ваше е што сте разбрале, – одговори на крајот претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.


НАЈОСТРА ОСУДА НА ПОЛИЦИСКАТА АСИСТЕНЦИЈА ВО ДЕМОЛИРАЊЕТО НА КАМПОТ ПРЕД СОБРАНИЕТО

Движењето #Бојкотирам најостро ја осуди полициската асистенција во суспензијата на правото на мирен собир и демолирањето на кампот на здружението Преродба пред Собранието и повика на кривична одговорност на министерот за внатрешни работи поради спречување и смеќавање со сила и насилство на мирен собир заради изразување јавен протест.

Претседателот на СМК Тодор Петров рече дека разликите во акциите се дел од единството на отпорот против промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Протестот на 18 ноември и покрај временските услови и владиниот притисок беше грандиозен независно од поединечните инциденти, 20.000 учесници на протестот упатија јасни пораки и ја остварија целта!

 



DONATE TO WMC-A

As a not for profit association, the World Macedonian Congress – Australia can only achieve its goals with the assistance of our community. Without these donations, serving the Macedonian Community in Australia would not be possible.

Since our organisation relies on the generosity of individuals and other organisations & businesses, we ask you to consider a donation to our cause. Please Click on the ‘DONATE’ button below and simply choose the amount you would like to donate. All donations are greatly appreciated.

We thank you in advance for your generosity.

By | 2018-12-26T15:19:04+00:00 December 26th, 2018|Latest News, Press Release|Comments Off on ИНИЦИЈАТИВА ОД 150.000 ПОТПИСИ ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛЕН РЕФЕРЕНДУМ ЗА ПРАШАЊЕТО “ДАЛИ СТЕ ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО НА ДРЖАВАТА МАКЕДОНИЈА ВО ДРЖАВА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА?“